Со зимата, покрај студот, доаѓаат и високите сметки за струја. Домаќинствата кои се греат со помош на уреди кои користат електрична енергија, како што се клима уреди, топлински пумпи, термо-акумулациони печки, и слично, во зимските месеци забележуваат значително зголемени месечни трочоци за електрична енергија. Исто така, во текот на зимата, поминуваме повеќе време во нашите домови, па и останатите уреди, работат подолго време. Пократките денови пак, не принудуваат да ги вклучиме светлата рано наутро или веќе во раните попладневни часови, а поради ниските температури на водата, и бојлерите работат со поголем интензитет. Сето тоа, придонесува да се зголеми општата потрошувачка на електрична енергија во нашите домови. Во овој блог, ќе објасниме како да ги анализирате Вашите сметки за електрична енергија и кои едноставни тактики можете да ги примените за да ги намалите овие трошоци.
Разбирање на тарифниот систем
Прво и основно, потребно е да го разбереме тарифниот систем. Постојат две тарифи по коишто се пресметува потрошената електрична енергија. Ниска тарифа, која се применува од 23ч до 7ч наутро и од 13ч до 15ч секој ден од понеделник до сабота, како и во текот на целиот ден во Недела. Во остатокот од времето, се применува Високата тарифа.
Ниската тарифа, се наплаќа по цена од 1,7522 денари за киловат-час (kWh). За илустрација, еден киловат-час, е електричната енергија која ќе ја потроши една светилка со моќност од 100W за 10 часа.
Високата тарифа пак се наплаќа по цена од 4,2255 денари за kWh. Истата светилка за 10 часа работа овој пат ќе ве чини 2,5 пати повеќе во вашата сметка за електрична енергија. Но тоа е само доколку Вашата потрошувачка не излегува од првиот блок!
Високата тарифа се пресметува по различни цени и тоа во зависност од Вашата месечна потрошувачка. Доколку потрошите повеќе од 210 kWh во тековниот мсеец, сета потрошена електрична енергија над таа граница ќе ја платите по цена од 5,2720 денари за kWh. Цената по која се пресметува највисокиот блок, изнесува 17,3242 денари.
Цени на електричната енергија во висока тарифа по блокови на потрошувачка:
Потрошувачка (kWh) |
до 210 |
од 211 до 630 |
од 631 до 1.050 |
над 1.050 |
Цена (денари) |
4,2255 |
5,2720 |
6,9121 |
17,3242 |
Па така, истата светилка од 100W, може да ве чини 10 пати повеќе отколку во ниската тарифа. Замислете што тоа значи за уреди кои имаат поголема потрошувачка на струја. На пример, клима уред со моќност од 5kW, троши околу 300kWh месечно. Доколку се потрошени во ниската тарифа, тоа ќе ве чини 525 денари. Но доколку се потрошени во високата тарифа и тоа во блок 4, трошокот се зголемува десеткратно, на 5.200 денари!
Како да ја разберам мојата сметка?
Во сметките за електрична енергија, има детален приказ на Вашата потрошувачка, поделена во две големи групи: висока тарифа (ВТ) и ниска тарифа (НТ). Високата тарифа понатаму е поделена по блокови, па имате детален приказ на количината на електрична енергија која е потрошена во секој блок одделно. Па така, ако сте потрошиле вкупно 1.500 kWh, од кои 500 во ниска тарифа а 1.000 во висока, Вашата потрошувачка во високата тарифа по блокови ќе изгледа вака:
Тарифа |
Потрошена ел. енергија (kWh) |
Цена за kWh (ден.) |
Вкупен износ (ден.) |
НТ |
500 |
1,7522 |
876 |
Блок 1 |
210 |
4,2255 |
887 |
Блок 2 |
420 |
5,2720 |
2.214 |
Блок 3 |
370 |
6,9121 |
2.557 |
Блок 4 |
0 |
17,3242 |
0 |
Вкупно |
1.500 |
|
6.535 |
На овие износи понатаму се додава недомест за пренос и дистрибуција од 2,3 денари по потрошен kWh, фикесн надомест за пристап на електродистрибутивниот систем од 200 денари, ДДВ и комунална такса за јавно осветлување, за да дојдете до вкупниот износ на Вашата сметка.
Доколку потрошувачката ви се зголеми и сега во ниската тарифа сте потрошиле исто, а во високата тарифа сте потрошиле 1.400 kWh (400 kWh повеќе), тогаш нивната распределба по блокови ќе биде на следниот начин:
Тарифа |
Потрошена ел. енергија (kWh) |
Цена за kWh (ден.) |
Вкупен износ (ден.) |
НТ |
500 |
1,7522 |
876 |
Блок 1 |
210 |
4,2255 |
887 |
Блок 2 |
420 |
5,2720 |
2.214 |
Блок 3 |
420 |
6,9121 |
2.903 |
Блок 4 |
350 |
17,3242 |
6.063 |
Вкупно |
1.900 |
|
12.944 |
Во вториот пример, сте потрошиле вкупно 1.900 kWh, или 25% повеќе отколку во првиот. Но нaдоместот за потрошена електрична енергија во Вашата сметка ќе биде поголем дури за 100%!!!
Како до помала сметка?
Намалувањето на потрошувачката на електрилна енергија е првиот одговор кој инстинктивно ни доаѓа, но тоа не е секогаш возможно ниту практично. Но затоа мали промени во начинот и времето во кое ја трошиме електричната енергија, можат да дадат значителни резлутати, без притоа да ни влијаат на животниот стил и комфорот!
1. Рационално користење на бојлерот
Вклучувањето на бојлерот во евтина тарифа е добро решение, но може да го наруши Вашето нормално функционирање и комодитетот. За среќа, не мора ова да го правите рачно. Постојат паметни бојлери кои можат да се програмираат да работат исклучиво во времето на ниската тарифа притоа обезбедувајќи топла вода во текот на целиот ден. Овие бојлери не претставуваат преголема инвестиција, а ќе ви донесат големи заштеди. Доколку пак менувањето на бојлерот Ви претставува главоболка, можете да се одлучите за паметен термостат кој едноставно се монтира на Вашиот постоечки бојлер и ја врши истата улога.
2. Рационално користење на клима уредите
Повеќето клима уреди денеска поседуваат напредни можности за програмирање. Прилагодете го уредот да се вклучи автоматски рано наутро, за да Вашиот дом ја постигне идеалната температура во 7ч наутро. За одржување на температурата во остатокот од утрото, сѐ до вашето заминување на работа, ќе потрошите значително помалку електрична енергија, отколку кога треба да се постигне поголема температурна разлика. Истото можете да го направите и помеѓу 13 и 15ч, пред да се вратите од работа. Намалете ја температурата во текот на ноќта за неколку степени. Тоа ќе ви овозможи подобар сон и помала потрошувачка на струја. Како алтернатива, постојат паметни уреди кои едноставно се инсталираат, и можат да го контролираат клима уредот автоматски, според параметри кои Вие ќе ги одредите, од далечина со помош Вашиот телефон, или пак да го вклучат / исклучат клима уредот кога ќе се оддалечите или приближите кон Вашиот дом.
3. Рационално користење на домашните апарати
Речиси сите модерни уреди за домаќинството како машини за перење или миење садови, се исклучително тивки и имаат можност за прилагодување на времето на отпочнување или завршување со работа. Користете ги овие напредни функции и прилагодете ги домашните апарати да работат колку е можно повеќе во периодите на евтината тарифа.
4. Паметни светилки
LED светилките користат 80% помалку електрична енергија од обичните светилки и траат најмалку 15 пати подолго. Тие се логичен избор и од економски и од еколошки аспект. Но зошто да не отидете и чекор понапред? Изберете паметни светилки коишто освен тоа што се економични и трајни, можат едноставно да се поврзат со Вашата безжична мрежа и да се управуваат со помош на Вашиот телефон од далечина, или пак автоматски според инструкциите кои Вие ќе ги одредите.
5. Полнење на уреди со батерии и електрични возила
Полнете ги Вашите уреди во текот на ноќта кога најчесто и не ги користите. Напредните полначи за електрични возила, имаат можност да се програмираат за полнењето да биде само во текот на ниската тарифа.
6. Системи за енергетско управување
Ова може да претставува поголема инвестиција и потребно е да направите внимателна анализа дали е исплатливо решение за Вас. Но доколку Вашата потрошувачка често влегува во четвртиот блок, оваа опција треба секако да ја земете во предвид. Овие системи прават детална анализа на потрошувачката на електрична енергија во Вашиот дом и Ви даваат увид во потрошувачката по уреди и часови, на тој начин овозможувајќи Ви да утврдите каде се наоѓаат најголемите можности за заштеди. Исто така овие системи можат да управуваат со потрошувачката на енергија и со тоа да Ви помогнат да ги реализирате идентификуваните заштеди.
7. Инсталирање на соларни панели
Соларната енергија го револуционализира начинот на кој ги напојуваме нашите домови. Инсталирањето на соларен систем во домот ни обезбедува пристап до евтина, одржлива енергија, овозможувајќи ни истовремено да оствариме значителни заштеди, како и позитивен придонес кон животната средина. Соларен систем од 6kWh произведува во просек околу 600kWh месечно. Тоа значително ќе ја намали потрошувачката на електрична енергија од дистрибутивната мрежа, особено во високата тарифа, кога соларните панели всушност и произведуваат. Со самото тоа што ќе се намали Вашата вупна потрошувачка во високата тарифа, тоа ќе ја намали потрошувачката од повисоките блокови, која е најголемата причина за високите сметки! Вашата инвестиција може да се врати дури за рекордни 5 години, овозможувајќи Ви напојување на домот со електрична енергија уште најмалку 30 години без речиси никакви дооплнителни трошоци.
Високите сметки за електрична енергија претставуваат значајно оптоварување за домашниот буџет. Со примената на едноставни практики и со помош на паметни уреди, Вашите месечни трошоци може значително да се намалат. Инсталацијата на соларни панели има голем придонес во намалувањето на сметките за електрична енергија, а истовремено помага во зачувувањето на животната средина и овозможува да дишеме почист воздух. Консултирајте се со соларни експерти и дознајте повеќе за заштедите кои можете да ги остварите. Направете го првиот чекор кон соларната револуција!